Со секое бледо напишано соопштение, СДС само си ја потврдуваат нивната неспособност и тоа дека за седумгодишното владеење не направиле ништо за намалување на загадувањето на воздухот, велат од ВМРО-ДПМНЕ по реакциите од најголемата опозициска партија за воздухот во повеќето градови во државата.
Од партијата на Христијан Мицкоски посочуваат дека СДСМ само си ја потврдуваат нивната неспособност и тоа дека за седумгодишното владеење не направиле ништо за намалување на загадувањето на воздухот.
-Затоа што, на сите им е јасно, дека загадувањето на воздухот не е проблем што се решава со брзи решенија од денес за утре, туку тоа е проблем кој бара системски решенија кои даваат резултат на среден и долг рок. ВМРО-ДПМНЕ како одговорна власт со чесен пристап ко граѓаните, не ветува дека веднаш, со магично стапче ќе го исчисти воздухот, затоа се обврзува на долгорочна и системска стратегија која реално ќе го намали загадувањето, стои во партиското соопштение.
СДСМ смета дека е зачудувачки и во исто време загрижувачки е како, како што велат, власта на ВМРО-ДПМНЕ со голема леснотија го игнорира загадувањето на воздухот во државата и не презема ништо. Од најголемата опозициска партија тврдат дека кога беше опозиција ВМРО-ДПМНЕ најавуваше над 1 милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50%.
-Како власт ДПМНЕ сега не презема ништо. Поминаа 7 месеци, мерки против загадувањето нема. Дополнително власта ги намали парите за борба против загадувањето на воздухот за 51% а во буџетот 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно. Ниту еден амандман на СДСМ за еколошоки проекти и зголемување на парите за борба против загадувањето не беше прифатен од страна на власта, соопштија од партијата од „Бихаќка“.
Со вредност на нивото на штетни ПМ честички од 164 единици воздухот во Скопје е во категоријата означена со црвено како „нездрав“ воздух.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека единствен начин да се намали емисијата на штетни честички е во зимскиот период да се смени системот на затоплување домови. Тој рече дека се работи на тоа, но, оти е потребно време и пред сè изградба на гасни централи.