ВМРО-ДПМНЕ: Затворските казни за пожарот во модуларната болница се како за кражба за гуми

од Nikola Popovski
145 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ ја оценува за срамна пресудата за пожарот во модуларната болница во Тетово. Оценуваат дека во секоја друга држава осудени ќе беа сите кои на некој начин се поврзуваат со случајот и допринеле во трагедијата, а казните ќе беа во десетици години. Според членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, казните се како за кражба за гуми.

-Судството отворено како пупка од страна на Зоран Заев, продолжува да биде за едни мајка, а за други маќеа. За кубење на коса се добива 4 години затвор, а за пожар во болница каде што гинат 14 луѓе, само 1,5 година затвор. Оваа срамна пресуда е доказ за тоа дека СДС и ДУИ, го контролираат правосудниот систем и одлучуваат по нивна волја, а не според правни норми, истакна Манасиевски.

По година и пол затвор им досуди Тетовскиот суд на Флорим Бесими и Артан Етеми за пожарот во модуларната болница. Како медицински и економски директор требало да постават противпожарна опрема во објектот, но тоа не го сториле. Во пресудата е наведено и дека болницата треба да плати казна од милион денари. Обвинетите не се задоволни од пресудата, сметаат дека на одговорност треба да се повика и поранешниот министер Венко Филипче како и одговорните во фирмата која го градела објектот.

Семејствата на жртвите пред повисокиот суд ќе бараат построга санкција. Бараат истрага и за други функционери.

Двајцата директори се осомничени за тешки дела против општата сигурност. Пожарот се случи во 2021 година и во него загинаа 14 лица. Истрагата утврди дека несреќата ја предизвикал прегреан кабел од вклучен дефибрилатор.

Се огласија и од СДСМ. Порачаа дека тие и нивниот лидер Филипче се први кои побара реформи во судството и први понудија поддршка за носење реформски закони за европско судство.

-Очигледно само ВМРО-ДПМНЕ немаат интерес за промени, бидејќи им одговара темата за да држат партиски прес-конференции. За крај, Бране Петрушевски треба да одговори: како тоа прво не им одговараше јавниот обвинител и обвинуваа дека бил човек на СДСМ, а сега одеднаш им одговара? Како тоа Мицкоски беседеше и се закануваше дека ќе ги распушти сите судски институции, а потоа се повлече, прашаа од најголемата опозициска партија.

Слични содржини