„Се здружија сите домашни предавници, штом Бугарија доживеа тежок пораз во АФЕТ. Од плакарот на тајните служби прво го извадија Апасиев. Не им успеа. Па следуваше новата наредба од темните ходници во Софија: Жерновски да биде полигонот преку кој ќе ја започнат новата тура на лаги против премиерот и Македонија“ – вака од ВМРО-ДПМНЕ ја почнуваат својата реакција откако членот на ИО на СДСМ го праша премиерот Христијан Мицкоски дали ги демантира или потврдува пишувањата на дел од бугарските медиуми за негово наводно аплицирање за бугарско државјанство во 2008 година.
Според партијата на власт, Жерновски е, како што велат, внукот на бугарскиот кмет Жерноф, и „во духот на семејната историја се јави – по којзнае кој пат одработува, јавно и сервилно, за истата таа агенда која сака да го избрише ВМРО од историјата, да го релативизира македонскиот идентитет, и да ја направи Македонија заложник на туѓи интереси“.
-Но, нема да им успее. Македонскиот народ знае кој се бори за него, а кој тргува со туѓи агенди. А каква само трагедија е тоа што повторно го потценуваат народот. Тие што ја предадоа и ја продадоа државата, сега, со истиот тој ѓон од образ со кој не потпишаа и не понижија, се осмелуваат да зборуваат за пасоши против оној кој денес со сите сили се обидува да го заштити она што тие го уништија, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ исто така тврдат дека Жерновски сака да стане нов лидер на СДСМ.
-Воедно, ја користиме оваа прилика да ја информираме јавноста дека бугарската културно-уметничка инсталација во државата, Андреј Жерновски, има сериозна амбиција да стане нов лидер на СДС. Охрабрен од своите спонзори и внатрешен круг кој тоа повеќе и не го крие, го гледаме како секојдневно е активен со „храбри“ статуси и напади, кои потоа со трчање ги пренесуваат неколку познати медиуми. Кој ќе биде лидер на СДС – нека си решаваат. Но изборот помеѓу сегашниов и Жерновски е трагедија сама по себе. И за државата. И за демократијата, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Жерновски побара одговор од премиерот Христијан Мицкоски по вчерашните пишувања на дел од бугарските медиуми за наводно барање за бугарско државјанство пред 17 години. Жерновски вели дека е загрижен што досега нема коментар од премиерот на оваа тема.
-Секој македонски граѓанин има право да аплицира за друго државјанство. Мотивите се индивидуални, во најголем случај економски. Но, ако тоа го прави некој политичар, кој сега е и претседател на македонската влада, и кој на таа позиција во голема мера дошол градејќи кариера на голем патриот и војвода кој, нели, немилосрдно се пресметува со бугарските политики, тогаш тоа е веќе сосема друга работа. Не може “Не ми ги спомнувајте повеќе Бугарите” со “Сакам бугарски пасош”. Не оди, нели, стои меѓу другото во една од последните објави на ИО на СДСМ.