ВМРО ги прогласи хотелите на нивните бизнис пријатели за објекти од јавен интерес за да ги заобиколат редовните процедури, обвинуваат од Левица

Левица: „Наместо принципот на јавен интерес, се наметнува логиката „државата, тоа сум јас“, каде што она што е од корист за одредени економски центри на моќ, се прогласува за државен приоритет“

од Nikola Popovski
87 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Со последните измени на Правилникот за урбанистичко планирање, донесени од Министерството за транспорт, се проширува категоријата „објекти од државно значење“ така што во неа влегуваат и хотели и супермаркети, обвинуваат од Левица. Додаваат дека станува збор за одлука која суштински го менува значењето на јавниот интерес во урбанизмот и отвора СЕРИОЗНИ прашања за начинот на кој се управува со просторот.

„Категоријата „објекти од државно значење“ има јасна намена, да опфати инфраструктура, здравствени, образовни и други објекти кои служат на целото општество. Со вклучување на комерцијални содржини во оваа група, се врши директно изедначување на приватниот профит со јавниот интерес, што претставува концептуално извртување на основите на урбанистичкото планирање.

Оваа измена има директни просторни и политички импликации. Со ваква класификација се создава простор за заобиколување на постојните плански процедури, олеснување на административни процеси и потенцијално наметнување на проекти кои не произлегуваат од реалните потреби на заедницата“, порачуваат од Левица.

Според партијата, во вакви одлуки јасно се препознава матрицата, како што велат, на ВМРО-ДПМНЕ, каде државата не се разбира како систем на правила и институции, туку како алатка која се присвојува.

„Наместо принципот на јавен интерес, се наметнува логиката „државата, тоа сум јас“, каде што она што е од корист за одредени економски центри на моќ, се прогласува за државен приоритет. Просторот не е неутрална категорија, туку јавен ресурс кој се уредува врз основа на долгорочни стратегии и баланс помеѓу различни интереси. Кога критериумите за „државен интерес“ се прошируваат без јасни и рестриктивни параметри, се отвора можност за произволно толкување и селективна примена.

Ваквите измени го прават системот поранлив наместо постабилен. Наместо јасна хиерархија на планови и предвидливост во постапките, се воведува широка категорија која може да се користи како инструмент за легализација на урбанистички штетни интервенции“, порачуваат од партијата на Димитар Апасиев.

Слични содржини