ВМРО-Народна: Секоја година со државни пари се организираат манифестации на кои се слави окупациона војска на територијата на Македонија

Партијата на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски соопшти дека е длабоко загрижена поради помпезното одбележување на „Битката кај Зебрњак“, кој според партијата, го означи почетокот на 23-годишната српска окупација на Македонија

од Nikola Popovski
26 прегледи

Партијата на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, ВМРО-Народна, објави дека е длабоко загрижена поради помпезното одбележување на „Битката кај Зебрњак“, кој според партијата, го означи почетокот на 23-годишната српска окупација на Македонија.

„Исто така загрижени сме што бројот на настани со кои се одбележува српската окупација на Македонија ги надмина и државните празници во земјата. Само да потсетиме, секоја година со големи манифестации се прославуваат битките кај Кајмакчалан, Брегалница, Зебрњак, Удово, битката кај Рамне, „денот на победата“ во Битола, и сето тоа со македонски државни пари од македонскиот буџет со кои се слави окупациона војска на територијата на Македонија“, велат од ВМРО-Народна.

Но посебно сме загрижени, додаваат оттаму, што на тие прослави Македонија е претворена во поле на омраза, така што пред два дена чувме омраза, реваншизам и шовинизам против турците, бугарите, албанците и муслиманите, а да не зборуваме за тоа што редовно Македонија се нарекува „стара и јужна Србија“, а македонците „срби кои биле ослободени“.

-Овие навреди кон македонскиот народ овој пат беа надоградени и со нов идентитет и наратив обраќајќи се со „браќа северномакедонци“, посочуваат од партијата.

ВМРО-Народна ја повикува Владата на ВМРО-ДПМНЕ да престане со ова „понизно виткање на кичмата и со ова понижување на македонскиот народ“.

Руската амбасада во Скопје официјално објави дека амбасадорот во Москва, Сергеј Баздникин, бил таму „по покана на српската заедница во Македонија и на Српскиот културен центар – Скопје за да учествува на комеморативниот состанок по повод 113-годишнината од Кумановската битка“.

„Амбасадорот на Русија им оддаде почит на загинатите војници, положувајќи венец на спомен-местото на ридот Зебрњак во близина на Куманово“, се вели и во официјалното соопштение на руската амбасада, која објави фотографии.