Внимавајте при купување производи надвор од деловниот објект, нема ништо бесплатно

од Берта Китинска
349 прегледи

Над 2700 лица во текот на минатата година се пожалиле во Организацијата на потрошувачите на Македонија. Најмногу поплаки имало во скопскиот регион, повеќе од половина од вкупниот број, а најголем дел се однесуваат на сервисирање мобилни телефони, инвертер-клими, фрижидери. Специфични случаи што се појавиле изминатата година биле за купување производи надвор од деловниот објект.

– Во текот на минатата година имавме специфични случаи на договори склучени надвор од деловните простории што се решени во помош на Организацијата на потрошувачи на Македонија. Станува збор за случаи кога на потрошувачите им се нудат разни производи кога се поканети надвор од деловните простории, кога им нудат бесплатен ручек или им даваат мал подарок, а договорите што ги потпишале се во износ од 30.000 до 80.000 денари, но не ги содржат одредбите предвидени со закон, изјави за МИА претседателката на ОПМ Маријана Лончар.

Таа појасни дека во вакви случаи законски рок за откажување е 14 дена, но договорите што биле потпишани не го содржеле овој рок, туку во некои имало рок од три дена. Дополнително, како што додаде, не биле почитуван и законот затоа што на потрошувачите им биле земани однапред средства што после не им ги враќале и кога го раскинувале договорот воопшто не сакале да се јават на телефон.

Станува збор за продажба организирана надвор од деловен објект, на разни производи, меѓу кои масажери, магнентни душеци…

– Ако се сретнат со ваква понуда, граѓаните треба да знаат дека всушност не одат на бесплатен ручек, бидејќи ништо не е бесплатно, порачува Лончар.

Во последните месеци, во Организацијата, исто така, имало поплаки во однос на сервисирање мобилни телефони, што се однесувале на тоа дека на потрошувачите во случај кога оставале мобилен апарат на сервис не им бил враќан апаратот што го оставиле.
Лончар посочува дека не станува збор за масовна појава, меѓутоа имало повеќе такви ситуации и им порачува на потрошувачите кога оставаат апарат на сервис, треба детално да утврдат за каков телефонски апарат станува збор, да се направи примопредавање со сервисерот, бидејќи може да не им биде вратен нивниот телефонски апарат.

– Значи точно да знаат, не само да го остават телефонскиот апарат и да си одат, порачува Лончар.

Исто така, меѓу поплаките биле и случаи на сервисирање инвертер-клими, кои се купени и по 80.000 денари, а не работат, а сервисерите не доаѓаат на повикот.
Кај јавните услуги била присутна појава на префрлања надлежности меѓу институциите, потоа поплаки во меѓуградскиот превоз, за брзите кредити, особено кај оние што имаат наплатувачи на долгови, за лажни награди…

Во текот на минатата година во Организацијата на потрошувачи на Македонија правен совет за заштита на правата на потрошувачите побарале вкупно 2707 лица. Најголем дел, 58 отсто, се во Скопје, по осум отсто се во Битола, Охрид и Штип, 11 отсто во Кочани и останатите во другите градови каде што Организацијата нема советодавна канцеларија.

Потрошувачите најмногу сакаат да комуницираат со Организацијата телефонски, па така, најголем дел поплаки од граѓаните се пријавени телефонски 80 отсто, 13,7 отсто дошле лично во Организацијата, три отсто се преку електронска пошта и Фејсбук и 2,3 отсто преку пошта.
Лончар посочува дека бројките покажуваат дека најмногу граѓаните сакаат да комуницираат телефонски, иако имаат и платформа на која може да го достават своето барање. Поштата, посочува Лончар, како средство за комуникација е најтешка за да се одговори.

Слични содржини