Внукот на Али Ахмети не е избрано именувано лице и директно ние немаме надлежност да постапуваме за него, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
Сепак како што рече, веќе четири години кажуваме дека е потребен Закон за потекло на имот, каде што секој граѓанин ќе се изјасни од каде му се средствата за стекнување на имот.
-Почна да се оформува работна група со поддршка на Совет на Европа. Се започна постапката за закон, стаса со драфт-верзија, која од минатата година до пред две недели е во Кабинетот на вицепремиерката Грковска. Пред две недели не викна за да видиме дека е променето името на законот и сега е Закон за конфискација без донесување на судска пресуда, што е нелогично. Се губи основната цел на законот, информира Ивановска, истакнувајќи дека тој закон е основен ако сакаме вистинска борба против корупцијата.
Во текот на вчерашниот ден главна вест беше дека внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Дрин Ахмети чија е компанијата Тор Индустрис, заедно со албанската фирма Пе-вла-ку ќе ја преземаат контролата врз бизнис центарот „Соравија“ во строгиот центар на Скопје.