Внукот на Али Ахмети, Фатмир Лимани, кој е професор по историја и поранешен заменик директор на ЕСМ, денеска поднесе кадидатурата како независен кандидат за градоначалник на Општина Кичево. Тој собра вкупно 420 потписи што е многу повеќе од неопходните 350 потписи, потврдија од ПО на ДИК во Кичево.
Неодамна, Лимани имаше сериозни забелешки за новото раководство на ДУИ, и ги обвини дека работат за соединување на СДСМ.
Според него, со политиките и постапките на Ахмети, во последните неколку месеци станува јасно дека тој работи во насока за спојување на ДУИ со СДСМ.
„Затоа сум револтиран. Затоа има многу други членови на ДУИ кои се против ова спојување. Мислам на Муса Џафери, Изет Меџити, Садула Дураку, Блерим Беџети и други. Овие луѓе се против моменталните политики на ДУИ и против именувањата на функционерите на ДУИ во Влада, затоа што ниту еден од нив ги нема поминато партиските филтри“, рече Лимани пред неколку месеци.
Лимани даде оставка пред една недела од сите позиции во ДУИ.
„ Актуелниот градоначалник од 2002 година е претседател на партискиот огранок на ДУИ, беше заменик-министер, па директор на пошта. Вршеше и други раководни функции. Потоа стана градоначалник на Осломеј, па градоначалник на Кичево. Како единствен успех во целиот период може да му се смета поплочувањето на улици со бекатон-плочки, но и тоа мора да се провери бидејќи цена по која се набавени и целата зделка се сомнителни. Во истиот овој период, страшно и срамно е што основните училишта се уништени, а меѓу гимназијалците од градот бројот на корисници на дрога и алкохол надминува над 60 отсто“, изјави Лимани неодамна.