Диригентот Христо Христов, внукот на најголемиот македонски револуционер Гоце Делчев бил во посета на Европскиот парламент во Брисел. Како што пренесуваат бугарските медиуми, тој разговарал со известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук и со известувачот на Групата на Европската народна партија, Кристијан Сагарц.
Се сретнал и со претседателот на Европската народна партија, Манфред Вебер и со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер.
Според пишувањата на медиумите од нашиот источен сосед, на разговорите наводно станало збор за насилството во М акедонија врз луѓето со бугарска самосвест, стои во пораката на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на чија покана Христов бил во Брисел.
-Мора да му се даде шанса на разбирањето да надвладее. Да и дадеме можност на музиката да ги надмине омразата и неединството, што е нетипично за илјадагодишната историја на нашиот народ и е инфилтрирано од комунизмот“, повикал внукот на Делчев.
Пред неколку месеци, на 120-годишнината од смртта на неговиот чичко, Христов од Скопје порача дека може да има мирно решение помеѓу Скопје и Софија.
-Да се нормални луѓето и да имаат малку срце, би било прекрасно. Тоа што го гледам е точно спротивното на неговата позната мисла. Сите знаат што значи мир. Да се спокојни и да прават убави работи. Мојата желба е да направиме еден мирен висококултурен проект кој би вклучувал музичари од двете држави и да направат голем оркестар и да се интонираат двете државни химни, рече Христов пред црквата Св. Спас.
Беше запрашан дали постои македонски идентитет и јазик пред 1945 година, на што одговори:
-Не знам не сум бил роден тогаш. Роден сум 1962 година. Има експерти, за некои работи не можам да одговорам, додаде Христов.