Во 2032 може да се патува со воз од Скопје до Бургас, рече Николоски

Николоски: „Ако се оди како што треба на двете страни, 2031, 2032 година треба да може да се патува со воз од Скопје до Бургас“

од Nikola Popovski
31 прегледи

Ако се оди како што треба на двете страни, во 2031, 2032 година треба да може да се патува со воз од Скопје до Бургас, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој во одговор на новинарско прашање на промотивен настан на кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, потврди дека на 4 ноември, кога ќе завршат сите ограничувања заради изборите, ќе се потпише договорот за заедничка изградба на прекуграничниот тунел на пругата кон Бугарија, како што е договорено во јуни годинава.

-Во јуни имавме средба со вицепремиерот и министер за транспорт Караџов во Истанбул, една корисна конструктивна средба каде што првпат после скоро година дена, седнавме да ги разгледаме реалните проблеми коишто се од инженерски, а не од политички карактер. Имајќи предвид дека средбата беше таква, стручна за теми коишто не се поврзани со политика, затоа што градење пруга не е политика најдовме многу брзо решение, посочи Николоски.

Како што прецизира, договорено е Македонија да ја изгради третата фаза од железницата кон Бугарија, првата, додаде, е изградена, а втората се гради во моментов.