Во 27 автобуси на ЈСП не работат климите, фалат околу 50 возила за да се исполни летниот возен ред

од Nikola Popovski
493 прегледи

Новиот директор на ЈСП Скопје, Драги Кушовски денеска ги замоли советниците во Град Скопје да остават се на страна и да започнат да работат за да им помогнат на граѓаните. Според него, реалната состојба во претпријатието е лоша.

-Помошта не може да биде инстант – од денес за утре. Ве известуваме дека возниот парк во ЈСП Скопје располага со 190-200 автобуси и со ова абројка во моментов не можеме да го опслужиме летниот возен ред. Колку и да работиме и да имаме желба, колку и да сакаат возачите, не се во состојба да го исполнат возниот ред. Мораме да ги острануваме аномалиите. Од септември, кога ќе се смени зимскиот возен ред, ситуацијата ќе биде полоша бидејќи се зголемува бројот на автобуси. Да не ни се расипе ниту еден автобус, ќе имаме недостаток на 100 автобуси за да го исполниме возниот ред. Во моментов, имаме недостаток од околу 40-50, во зависност од нивното одржување, рече Кушовски на 50-тата седница на Советот на Град Скопје.

Околу ситуацијата со клима-уредите во автобусите, денешната состојба е дека не работат уредите на 27 превозни средства, од кои за пет, службите во ЈСП убедуваат дека денеска ќе бидат остранети проблемите.

Оттаму, рече Кушовски, потребни се напори за набавка на нови автобуси.

-Имаме бесплатен превоз на студентите, а ЈСП три години нема добиено пари. Немаме добиено денар од МОН. Претпријатието само не успеало да ја зголеми наплатата на билетите. Ние де факто имаме бесплатен превоз, а де јуре немаме бесплатен превоз, одговори Кушовски на советничко прашање.

Слични содржини