Во Аеродром најмногу жители, 205 населени места се празни, покажуваат резултатите од Пописот

од Nikola Popovski
287 прегледи

Последните податоци од спроведениот попис во земјава покажуваат дека во Северна Македонија има вкупно 1 781 населено место, а 205 немаат жители.

Во главниот град Скопје живеат 526 502 жители, има 171 171 домаќинство и 213 850 станови.

-Според бројот на домаќинства, најмногу домаќинства има во населеното место Скопје – Аеродром – 27 026, па следуваат градовите: Битола со 24 974, Куманово со 23 451, Прилеп со 22 763, Тетово со 17 948, а во 381 населено место има 10 и помалку домаќинства. Најмногу станови има во населеното место Скопје – Аеродром – 34 415, а во 116 населени места има помалку од 10 станови, порачаа од Државниот завод за статистика (ДЗС).

Населено место со најголем број на жители е исто така скопски Аеродром со 75 108 жители, а потоа следуваат градовите Куманово со 75 051 жител, Битола со 69 287 жители, Прилеп со 63 308 жители, Тетово со 63 176 жители…

Населени места со најмногу младо население на возраст од 0 до 14 години се: Чаир, Аеродром и градовите Куманово и Тетово, а со старо население на возраст од 85 и повеќе години се: скопски Карпош и Центар и градовите Битола, Прилеп, Велес, Охрид…

Пописот се спроведе од 5 до 30 септември 2021 година под строги здравствени протоколи и во услови на ковид-пандемија, согласно нова методологија на Евростат и првпат со комбиниран модел. Освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Слични содржини