Во април отворени 428.000 работни места во САД: Раст на вработените и покрај инфлацијата

од Nikola Popovski
246 прегледи

Во април во САД биле отворени 428.000 работни места, со што се прошири опсегот на солидни вработувања и покрај зголемената инфлација, прекините во снабдувањето, војната на Русија против Украина и значително поскапите заеми.

Извештајот објавен денеска од американското Министерство за труд покажа дека стапката на невработеност минатиот месец изнесувала 3,6 отсто, нешто над најниското ниво во последниот половина век.

Растот на вработеноста е исклучително конзистентен и покрај највисоката инфлација во последните четири децении, имајќи предвид дека во САД се отворени најмалку 400.000 работни места 12 последователни месеци.

Американскиот пазар на труд растеше со одлично темпо во изминатата година, со просечно отворени 540.000 работни места месечно.

Сепак, не е јасно уште колку ќе трае овој тренд. Федералните резерви на САД ја зголемија основната каматна стапка за половина процентен поен оваа недела, што е најагресивен потег од 2000 година и навести дека ќе има дополнителни големи зголемувања на каматните стапки.

Неодамнешната одлука на Федералните резерви значи дека граѓаните и компаниите ќе треба да издвојуваат значително поголеми суми пари за задолжување, трошење и вработување.