Се „крчка“ веројатно најголемиот летен трансфер во Италија на релација Торино – Бергамо. Јувентус е блиску, под необични околности, да го „украде“ холандскиот фудбалер Теун Копмејнерс од Аталанта.
Копмејнерс неколку недели претходно ги договорил личните услови за трансферот кај „бјанконерите“, но цената заглави меѓу клубовите. Аталанта сакаше веднаш 40 милиони евра, а Јуве сакаше да ја продолжи исплатата и тука заглавија работите.
Сепак, Холанѓанецот направи радикален потег со тоа што одби да тренира со соиграчите бидејќи наводно не е психички подготвен во Аталанта.
– Копмејнерс има договор со Јувентус и не сака да тренира со нас. Вели дека е под стрес – откри тренерот на Аталанта, Џанпјеро Гасперини.
Логично, тој нема да биде во конкуренција за натпреварот од Суперкупот на Европа против Реал Мадрид на 14 август.
– Клубот се чувствува уценет во оваа ситуација – додаваат од Бергамо.
Се чини дека трансферот ќе се реализира, а Јуве ќе добие врвно засилување во средниот ред, целосно реконструиран под палката на Тијаго Мота.