Еден од лидерите на Баерн (Минхен) – Томас Милер, ги сподели своите очекувања за пресметката со Борусија (Дортмунд) на „Алијанц Арената“. Баварците имаат 9 бода предност пред Борусија и се многу блиску до освојување на уште една титула.
„Не се случува толку често да станеш шампион на меч против директниот конкурент, дома. Можеме да направиме нешто историско и драго ни е што добиваме таква шанса. Сакаме да им го дадеме овој момент на нашите навивачи“, изјави Милер.
И играчот од средниот ред, Џошуа Кимих е уверен дека Баерн ќе ја прослави титулата во сабота навечер.
„Дефинитивно нашата цел е да го добиеме дербито и да станеме шампиони. Овој натпревар ќе биде посебен за нас и за целата Бундеслига. Да го добиеме трофејот пред нашите навивачи е голема мотивација“, сподели Кимих.
„Натпреварите со Борусија се секогаш посебни бидејќи тие се нашиот најголем ривал. Тие ми се уште поважни, бидејќи сум поранешен фудбалер на Бохум и Шалке 04. Се надевам дека ќе победиме и ќе докажам дека сме заслужен шампион“, изјави Леон Горецка.
Баерн практично и со реми ќе ја обезбеди титулата, бидејќи разликата ќе остане 9 бода на три кола до крајот на сезоната, а Баварците имаат речиси 30 гола подобра гол-разлика од Борусија.