Во Британија куче излечено од алкохолизам

од Vladimir Zorba
206 прегледи

Коко, двегодишниот лабрадор, е излечен од зависност од алкохол во првиот случај од ваков вид во Велика Британија, пишува британски Телеграф.

Коко бил донесен во засолниште за животни во Плимптон, Девон, со друго куче по смртта на нивниот сопственик. Како што пренесува Телеграф, на кучињата им била потребна итна ветеринарна помош бидејќи страдале од напади.

Вработените во спасувачкиот центар тврдат дека кучињата станале зависни од алкохол бидејќи имале пристап до пијалокот, кој го оставал нивниот сопственик.

Додека другото куче подоцна починало, Коко успеал да се опорави откако бил подложен на терапија за одвикнување од алкохол. На кучето му давале седативи четири недели за да избегне напади.

„Одвојувањето на кучето од алкохол е нешто со кое се занимаваме за прв пат. Коко е со нас повеќе од еден месец, откако пристигна на интензивна нега. Неговата приказна е трагична… Коко бил во тешка состојба и барал 24-часовна нега. Стана јасно дека тој страда од симптоми кои укажуваат на зависност од алкохол“, објави Woodside Animal Rescue Trust на социјалните мрежи.

Од центарот за спасување изјавија дека кучето сега е надвор од животна опасност, дека веќе не е на лекови и почнува да се однесува како нормално куче.

„Кучето се уште не е подготвено за посвојување и иако се чини дека физички се опорави, сепак повремено е психички вознемирен“, истакнаа спасувачите и изразија надеж дека Коко наскоро ќе биде посвоен.

Слични содржини