Компанијата „Веолиа“, која стопанисува со водоводот на бугарскиот главен град Софија добие зелено светло од градската администрација да инсталира две хидротурбини во главните магистрални цевки на водоводниот систем. Се очекува дека овој револуционерен енергетски систем ќе произведува 12 гигават-часови струја годишно, известува Balkan Green Energy News.
Претходно, ваква минијатурна хидротурбина е поставена во водоводот на Банско.
Според „Софијска вода“, претпријатието во сопственост на „Веолиа“, хидроенергетските системи во цевките може да придонесат за декарбонизација и енергетска ефикасност и не штетат на животната средина. Погон на овие турбини ќе им даваат кинетичката и потенцијалната енергија на протокот на водата и притисокот во цевките.
Градоначалникот на Софија, Васил Терзиев, и Франсоа Деберг, директор на „Веолиа“ за Бугарија, Грција и Албанија, потпишаа договор за соработка за изградбата на две мали хидроцентрали во магистралните водоводни цевки.
Со работата на турбините во магистралните доводни цевки ќе се спречи и испуштање 8.000 тони јаглерод диоксид во атмосферата годишно.
„Овој меморандум целосно е усогласен со преземените обврски на Софија за климатска неутралност и учеството на Веолиа во иницијативата Net Zero Cities, порача Деберг, појаснувајќи дека до 2027 година, компаанијата планира 150 милиони евра инвестиции за производство на повеќе зелена енергија.
Софија веќе има и други сериозни „зелени“ проекти во водоводно-канализациската (ВиК) инфраструктура. Софиската пречистителна станица за отпадни води во Кубратово е енергетски независна од 2015 година, произведувајќи биогас од талогот создаден при пречистувањето на водата. Тоа годишно заштедува 70.000 тони јаглерод диоксид.
Инаку, градската управа на Софија уште во 2003 година ја покрена идејата за инсталирање 8 хидрогенератори во магистралните водоводни цевки.
Неодамна е презентиран уште еден хидроенергетски проект во Бугарија, во насока на производство на чиста енергија. Имено, водена од идејата да изгради низа понтонски хидроелектрани на бугарскиот дел на Дунав, локалната фирма „Тајфун“ планира во градот Видин да го постави првиот ваков електроенергетски погон.