„Во бугарскиот парламент сите се против Македонија“: Мицкоски откри детали за разговорот со Главчев

од Nikola Popovski
122 прегледи

Го слушнав тоа и бев изненаден од изјавата. Имам добро мислење за техничкиот премиер на нашиот сосед. Често пати разговараме, понекогаш е активен на тие работни сесии. Морам да признаам дека овојпат не беше активен, ниту на работната вечера, рече премиерот Христијан Мицкоски за неговиот разговор со техничкиот бугарски премиер Димитар Главчев за време на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.

Премиерот откри детали за неофицијалната средба и разменетите зборови.

-По завршувањето на работната сесија, ме поздрави и ми кажа дека сум имал одличен настап и одличен говор и дека на тој начин треба да се градат односите меѓу двете држави. Јас на тоа кажав: „Одлично ајде во скора иднина да ја кренете рампата и да ги почнеме преговорите“. На тоа добив одговор: „Абе знаeш во нашиот парламент сите се против вас“. Еве ова отприлика беше разговорот и ова беа неколкуте реченици кои ги разменивме, изјави денеска Мицкоски на настан по повод Денот на наставата на турски јазик, додавајќи дека „секаде каде што се среќаваме (со Главчев) имавме пријатни разговори“.

Главчев вчера во изјава за бугарските медиуми информира дека зборувал со Мицкоски за, како што вели, говорот на омраза против Бугарите во Македонија.

-Дискутираме на секој еден таков форум на кој ќе се сретнеме и му реков: „Ајде малку да ја намалиме острината на говорот и тоа кај вас… Јазикот на омразата не треба да биде применлив и прво да почнеме со него“. Нема промена во нашиот став. Но, сепак, да почнеме со добрите европски манири и добриот тон што би требало да се примени меѓу земја-членка и земја-кандидат, рекол техничкиот бугарски премиер.

Главчев вчера исто така порача дека компромисот со Македонија, веќе бил направен во 2022 година.

-Овој компромис е потпишан од сите земји членки, вклучително и РС Македонија и нас. Не е нормално земја-кандидат да им наметнува услови на другите, кои се веќе земји членки, прокоментира Главчев. Напротив, според него, треба да се исполнат критериумите за членство во заедницата.

Слични содржини