Од 1 ноември стапуваат во сила измените во законите за трговски друштва и за едношалтерски систем . Тоа ќе значи дека сите уписи во Централниот регистар ќе се вршат исклучиво електронски и тоа преку регистрациони агенти.

Со последните законски измени категоријата регистрационен агент е проширена со адвокатите кои првпат земаат учество како професионална заедница при електронските уписи во Централниот регистар.
Директорот на Централниот регистар Андреа Поповски пред почнувањето на обуката за регистрациони агенти изјави дека сите уписи ќе добијат на квалитет затоа што пријавите и сите поднесоци ќе се поднесуваат од овластени подносители. Централниот регистар за таа цел изврши надградба на постојното софтверско решение односно на системот за е-регистрација.
“Ги почнуваме обуките на адвокатите во Скопје. Досега извршивме обуки во 12 погоелми градови во Македонија на кои учествуваа над 300 адвокати, а во Скопје веќе имаме пријавено околу 450 адвокати. Паралелно на тоа се поднесуваат и барања за добивање овластување за регистрационен агент. Обуките ги извршуваат вработени од Централниот регистар и целта да бидат помал број присутни адвокати околу 30 за да може обуката да биде поквалитетна и да има интерактивно учество на обучувачите и на адвокатите, изјави Андреа Поповски.