Во дигиталната судница во Идризово почнува судењето за „Адитив“

од Nikola Popovski
16 прегледи

Во дигиталната судница на Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска започнува судењето за случајот „Адитив“ за злоупотреба на јавни набавки и перење пари со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј.

Обвинети се 31 физичко лице и пет правни лица, меѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор.

Обвинетите лица организирале и спровеле пререгистрација на правни субјекти со цел да ги заобиколат процедурите за јавна набавка, овозможувајќи на тој начин одредени фирми да добијат договори и да се стекнат со значителна материјална корист.

Како што претходно извести Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОК), според наводите во обвинението, првообвинетиот во случајот се гони за нестручно работење во службата, додека шест лица се обвинети за кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. На четворица од нив им се става на товар и кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело.

Дванаесет лица се обвинети дека сториле кривично дело злосторничко здружување и продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а двајца од нив сториле и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело. Дополнително, на четири лица им се става на товар дека ги сториле кривичните дела злосторничко здружување и перење пари и други приноси од казниво дело, додека четворица сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Останатите четири лица се обвинети за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.

Слични содржини