Во ЕУ-буџетот 2028-2034, за „Проширување, источно соседство и остатокот на Европа“ планирани 43 милијарди евра

Страхиња Суботиќ, раководител на програми и виш истражувач на српскиот Центар за европски политики, детално ја разработува оваа тема и ги нотира главните новитети што ги донесува оваа рамка.

од desk2
17 прегледи

Креирањето политики и преговорите и натегањата што го проследуваат овој клучен процес на функционирањето на ЕУ можеби најпластично се илустрира на примерот на Повеќегодишната финансиска рамка (MFF – Multiannual Financial Framework), односно повеќегодишниот рамковен буџет на ЕУ. Тоа е разбирливо оти станува збор за програма што опфаќа 7 години.

Страхиња Суботиќ, раководител на програми и виш истражувач на српскиот Центар за европски политики, детално ја разработува оваа тема и ги нотира главните новитети што ги донесува оваа рамка, како и што се предвидува на планот на проширувањето на ЕУ:

Како и секогаш, копјата се кршат околу две клучни точки: утврдувањето на максималната сума на средствата за новата MFF и приоритизацијата, односно распределбата на средствата по различни области.

Кога станува збор за MFF, претходната повеќегодишна рамка изнесуваше речиси 1,3 билиони евра (1.300 милијарди евра). Сега се предлага нова рамка од 1,8 билиони евра, наменети за финансирање на сите планирани програми на ЕУ, односно околу 2 билиона евра, кога во буџетот ќе се вклучат и трошоците за отплата на долговите направени во времето на пандемијата. Значи, станува збор за зголемување од речиси 50% во однос на претходната буџетска рамка.

Токму поради тоа, Европската комисија (ЕК) предлага воведување нови извори за сопствено финансирање на Унијата – како дополнителниот данок за компании со промет поголем од 100 милиони евра: овој данок би сочинувал дури 20% од вкупниот изност на новата MFF. Затоа, не е изненадување дека некои држави, како Германија, веќе се побунија, велејќи дека предложениот буџет е превисок, а и корпоративниот сектор изрази незадоволство од можноста за воведување нови фискални оптоварувања. Иако постојат дискрепанци во размислувања околу износот, искуството покажува дека ЕК редовно излегува со максималистички предлози, коишто во текот на преговорите се корегираат – но и натаму остануваат повисоки во споредба со претходната буџетска рамка.

Дури и кога би се постигнал брз договор за вкупниот износ, борбата би продолжила за начинот на распределба на средствата по поединечните области. Имајќи предвид дека 27 земји-членки споделуваат одредени заеднички цели, но истовремено застапуваат и сопствени национални интереси, тоа директно се одразува на нивните преговарачки позиции. Така, земјите што се нето-примачи и кои економски заостануваат зад побогатите земји-членки, ќе инсистираат на поголеми вложувања во кохезиската политика.

Оние со силен земјоделски сектор и јаки синдикати, како Франција, ќе се залагаат за зголемени издвојувања за заедничката земјоделска политика. Државите што се блиску до заканите – како Италија и Шпанија, кои се изложени на миграциски притисоци, или балтичките земји што се граничат со Русија – ќе инсистираат на одбранбените теми и помошта на Украина. Со оглед на тоа дека во прашање е првиот нацрт на новата MFF, следните две години ќе бидат обележани од тешки преговори во кои европското единство ќе се мери со способноста бројните разидувања да се преточат во одржлив компромис.

Кои се клучните новини?
Новата MFF претставува драстична промена од досегашното управување со финансиите и програмите на Унијата. Без да навлегуваме во сите детали, во продолжение ги претставуваме трите клучни одлики на коишто треба да се обрне внимание.

1. Дебирократизација. ЕУ долго беше восприемана како симбол на бирократија – со сложени процедури и бавно донесување одлуки. Новата MFF носи обид за поедноставување на управувањето со парите. Така, на пример, наместо 540 документи што моментално ја опфаќаат распределбата на буџетските средства, таа бројка сега се сведува на 27 – по еден за секоја земја-членка. Истовремено, бројката програми се групира и се намалува од 52 на 16. Истиот принцип важи за буџетските линии, кои се редуцираат од постоечките 10 на само четири. Со овие и слични мерки, ЕК испраќа порака дека го слуша гласот на граѓаните, но и дека тежнее кон тоа Унијата да стане покомпетитивна и пореспонзивна.
2. Секуритизација. Откако почна војната во Украина, инситуциите на ЕУ и земјите-членки отворено ја препознаваат потребата да се сврти нов лист во начинот на функционирање на Унијата. Петкратното зголемување на фондовите наменети за одбраната и безбедноста претставува токму обид политиките насочени на градењето заеднички одбранбени капацитети да се подигне на повисоко ниво и потрајно да се вкоренат во буџетската структура на Унијата – сѐ со цел изградба на Европска одбранбена унија. Истовремено, со оглед на тоа дека судирите на Блискиот Исток не се смируваат, а миграциите и понатаму претставуваат еден од клучните предизвици, новата MFF предвидува тројно поголеми издвојувања за поефикасно управување со миграциите и зајакнување на надворешните граници. Заеднички, овие промени укажуваат на тоа дека ЕУ е повеќе од подготвена да излезе од својата зона на комфор и да се соочи со современите предизвици без одлагање.
3. Приоретизација на вредностите. Во новиот предлог-MFF експлицитно се истакнува дека „почитувањето на владеењето направото е неопходен услов за пристап до сите фондови“. Членството во ЕУ се заснова на копенхагенските критериуми, меѓу кои и владеењето на правото и демократските стандарди. Меѓутоа практиката покажа дека демократско назадување не е исклучено, дури ни во рамките на самата Унија – што најдобро е илустрирано од примерот на Унгарија. Како одговор на овие предизвици, ЕУ веќе во текот на пандемијата воведе механизам на условување на пристапот до одредени фондови со спроведувањето реформи. Новата MFF дополнително го зацврстува овој пристап. Финансиските средства повеќе не се безусловни, туку се директно поврзани со почитувањето на основните европски вредности.

Кои се плановите за политиката на проширување?
Сѐ што е релевантно за политиката на проширување ќе биде обединето во рамките на еден од четирите столба на новата MFF – „Глобална Европа“. Со планиран буџет од 200 милијарди евра, овој столб опфаќа програми и фондови чијашто цел е да се овозможи ЕУ да го проектира своето влијание низ светот. Од вкупниот изност, за државите-кандидатки за членство најважен е податокот дека речиси 43 милијарди евра ќе се однесуваат на буџетската линија „Проширување, источно соседство и остатокот на Европа“.

Според зборовите на комесарката за проширување Марта Кос, ова претставува зголемување од 37% во однос на претходната буџетска рамка. Иако оваа вест секако е охрабрувачка, треба да се почека со славењето, со оглед на тоа дека Комисијата уште не објавила колку од споменатите 43 милијарди евра конкретно ќе бидат наменети за Западен Балкан.

Досега регионот, преку Инструментот за претпристапна помош (IPA III) и Новиот план за раст(NGP) добиваше околу 14 милијарди евра во облик на грантови, односно неповратни средства. Доколку износот наменет на регионот во новата MFF биде уште поголем – а идеалниот би бил, според една од анализите околу 21 милијарди евра – тоа би било силен сигнал дека ЕУ е подготвена да ги зголеми влоговите и да ги интензивира вложувањата во своите идни членки.

Иако предложените износи ќе подлежат на можни промени, сепак има одредени ставки коишто не би требало да бидат предмети на ревизија. Прво, моментално не постои причина за страв дека давањето приоритет на Украина негативно ќе влијае на распределбата на средствата за Западен Балкан. Помошта за обновата на Украина ќе биде насочена преку посебен фонд во износ од 100 милијарди евра, кој не спаѓа во столбот „Глобална Европа“ и претставува дополнително, посебно финансирање.

Второ, фондовите за проширувањето ќе се засноваат на принципите на условување коишто се веќе воспоставени со Новиот план за раст. Бидејќи владеењето на правото е еден од темелните приоритети на севкупната MFF, очекувано е истиот принцип да се примени и во областа на проширувањето – што јасно укажува на континуитетот на вредносно-условеното финансирање. И конечно, новата предлог-MFF експлицитно предвидува можност за нејзина ревизија во случај на пристапување на нови земји-членки, со што се покажува флексибилност и подготвеност финансиската рамка да се прилагоди на идното проширување.

Дали и во која мерка овие и останатите планови на Комисијата ќе се реализираат на предвидениот начин ќе знаеме за две години – кога сите земји-членки, како и Европскиот парламент ќе го дадат конечното зелено светло за оваа буџетска рамка.

Слични содржини