Во Европа се почесто се купува фалсификувана стока

од Vladimir Zorba
289 прегледи

Луѓето ширум Европа се повеќе купуваат фалсификувани производи, игнорирајќи ги предупредувањата за ризикот. Без разлика дали станува збор за облека, чевли, паметни часовници или парфеми, секој осми учесник во истражувањето признал дека во последните 12 месеци купил стока за која знаел дека е фалсификувана, јави агенцијата ДПА.

Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија (EUIPO) објави дека 13 отсто од испитаниците претпочитаат да купуваат фалсификувани производи, односно осум процентни поени повеќе од претходното истражување од 2020 година.

Кај помладите, од 15 до 24 години, уделот на купувачите на овие производи е дури 26 отсто, односно 16 процентни поени повеќе од пред околу три години, објави EUIPO.

Се разбира, главната причина за купување на лажни брендови е поволната цена.

Врз основа на јасните показатели од студијата, заклучокот би бил дека треба да се направи повеќе за заштита на потрошувачите, рече извршниот директор на EUIPO, Кристијан Аршамбо.

Во споредба со другите земји од ЕУ, на Германија и оди релативно добро. Меѓу повеќе од 1.000 испитаници од Германија, „само“ 10 проценти рекле дека купиле фалсификувана стока во последната година. Сепак, уделот на такви клиенти се зголемува и во Германија, бидејќи во 2020 година ги имало четири отсто.

Над просекот на ЕУ се Бугарија со 24 отсто, Ирска и Луксембург со по 19 и Романија со 18 отсто. На другиот крај од скалата е Финска со осум проценти.

Фалсификувањето стоки е бизнис вреден милијарди евра и огромното мнозинство граѓани на ЕУ го знаат тоа. Во истражувањето, околу 80 отсто се согласиле дека од тоа профитираат криминалните организации кои им се закануваат на производителите и работните места.

Две третини од испитаниците изјавиле дека знаат дека фалсификувањето на производи може да претставува ризик за здравјето и безбедноста на потрошувачите, како и да ја загрози животната средина.

Кога станува збор за онлајн содржините, четири петтини од учесниците во истражувањето рекле дека се против преземање нелегални копии. Тие претпочитаат да купуваат автентични, под услов да се достапни.

Сепак, речиси две третини, 65 проценти, рекле дека е во ред да се „симне“ нешто нелегално од Интернет, ако тоа не е легално достапно, на пример поради географски ограничувања. 14 отсто од испитаниците признале дека тоа го направиле неодамна.