Во голем дел од Неготино се забранува водата за пиење поради мирис и вкус од непознато потекло

„Комуналец Неготино“: Апелираме до граѓаните од овој дел на градот кои варат ракија, водата за пиење да не ја користат за ладење на вулите и да не оставаат црева во резервоарите за ладење

од Nikola Popovski
32 прегледи Фото: Комуналец Неготино

Се забранува за пиење водата во Неготино поради присуство на мирис и вкус од непознато потекло во дел од улиците. Ова го соопштија од неготинското комунално претпријатие, преку јавна објава на нивната Фејсбук страница.

-Поради проблем со присуство на мирис и вкус од непознато потекло во водата за пиење во делот од уличната мрежа на улиците „Индустриска“, „Маршал Тито“, „29 Ноември“, „11 Октомври“, „Никола Петров“, „Манчо Малиминов“, „Душан Јуруков“, „Димче Мирчев“, „Гоце Делчев“, „Питу Гули“, „Васка Калајџиска“ и ,,Антигона“, се забранува да се употребува водата за пиење, напишаа од Јавното претпријатие „Комуналец“.

Оттаму наведуваат дека во соработка со Центар за јавно здравје Велес и другите надлежни институции, се земаат вонредни мостри за анализа. Се работело на терен за лоцирање и санирање на евентуалниот дефект.

-Замолуваме доколку некој има било какво сознание кое би ни било од корист, да се обрати во Ј.П.„Комуналец“. Апелираме до граѓаните од овој дел на градот кои варат ракија, водата за пиење да не ја користат за ладење на вулите и да не оставаат црева во резервоарите за ладење, од кои може да дојде стварање на вакуум и повлекување на водата во градската мрежа и загадување. За вакви случаи ќе следуваат санкции, појаснија од комуналното претпријатие.

За било каква промена ќе следело соопштение. Од „Комуналец“ известија дека се трудат за брзо надминување на проблемот.