Во големата несреќа имало и среќа: Повредените од Велес се во стабилна состојба по операциите – имаат скршеници

од desk4
86 прегледи

Во стабилна состојба се тројцата велешани кои настрадаа во страшната сообраќајна несреќа на новогодишната ноќ во центарот на Велес, информира ТВ24.

Од Ургентниот центар во Скопје велат дека момчињата се оперирани и нивната здравствена состојба се подобрува. Тројцатa имале повеќе скршеници на нозете, откако автомобил со голема брзина удри во нив, а потоа се заби во ѕид од камења.

„Тројцата пациенти од Велес се оперирани и нивната состојба е стабилна. Можно е наскоро еден од нив да биде пуштен на домашно лекување“, велат од Ургентен хируршки центар.

Во добра состојба се и возачот и неговата сопруга која била во автомобилот. По eднодневно задржување во велешката болница, тие се пуштени дома.

Како дошло до сообраќајната несреќа никој не знае. Очевидци кои се враќале од прослава на Нова година од блиските угостителски објекти велат дека кога возилото „Фиат пунто“ налетало, на тротоарот имало десетина пешаци.

„Го запалив автомобилот да ми загрее и го чистев, беше замрзнат и во тој момент слушнав дека има удар тука. Автомобилот се удри во ѕидот. Дојдов тука имаше двајца повредени, лежеа на тротоарот. Отидовме до луѓето, беа повредени и исплашени“, вели очевидец

Од полицијата првично велат дека зголемената брзина на движење на возилото е можната причина за сообраќајната несреќа. Основното јавно обвинителство издало наредба за анализи преку кои ќе се утврди дали кај возачот има траги од алкохол.