Во Инспекторатот за употреба на јазици не добиле плата пет месеци: „Ние сме луѓе кои го движат системот напред“

од Nikola Popovski
100 прегледи

Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците денеска на прес-конференција информираа дека пет месеци немаат добиено плата и се оставени без здравствено и пензиско осигурување. Тие бараат средба со премиерот, министерите за финансии и правда, како и со претседателот на Собранието, со цел да се реши ова прашање.

Во Инспекторатот за употреба на јазиците има вкупно 17 вработени.

-Ова не е само финансиска криза, туку сериозно и систематско кршење на нашите човекови и уставни права. Согласно членот 32 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка. И покрај ова јасно загарантирано уставно право, ние половина година не сме добиле надомест за нашата работа. Освен тоа, оставени сме и без здравствено и пензиско осигурување, што дополнително ја загрозува нашата безбедност и безбедност на нашите семејства. Оваа состојба не доведува во ситуација на социјална несигурност, егзистенцијална борба и апсолутно понижување и трудот и достоинството на работникот, изјави Фитим Рамадани, виш инспектор, вработен во овој Инспекторат.

-Ние сме луѓе кои секојдневно работат, даваат резултати и го движат системот напред. Нашите барања се јасни и легитимни. Итно исплаќање на заостанатите плати, повторно активирање на здравственото и пензиското осигурување, обезбедување на трајно и одржливо решение за да не се повтори оваа состојба, како и нормално функционирање на Инспекторатот, додаде Рамадани.

Тој бара од премиерот, во координација со министерката за финансии, министерот за правда и претседателот на Собранието, да најдат законска можност за исплата на неисплатените плати на вработените во Инспекторатот. Како што дополни, оваа борба нема политички мотиви.

Најави дека следиот чекор е можно да биде протест на вработените.