
Жителите на Истанбул во првиот викенд без полициски час се упатија кон градските плажи и паркови без маски и не почитувајќи ги мерките за социјална дистанца, што предизвика критики од министерот за здравство, кој предупреди дека пандемијата „Ковид-19“ сè уште претставува закана.
Министерот за здравство Фахретин Коча на Твитер порача „да не се нормализираме премногу“ и ги повика луѓето да носат маски и да ја задржат својата дистанца.
Рестораните, кафулињата, спортските сали, парковите, плажите и музеите повторно беа отворени во понеделникот, по пауза од повеќе од два месеци, а воспоставени се и домашни летови.
Во Турција починаа 4.669 лица, а 169.218 се заразени од почетокот на појавата на заразата.
Одлуката на Министерството за внатрешни работи да го задржи полицискиот час во сила овој викенд во 15 провинции, вклучувајќи го и Истанбул, беше повлечена во петокот од претседателот Реџеп Таип Ердоган.
„Коментарите што ги добивме од граѓаните нè поттикнаа да ја преиспитаме таа одлука“, напиша Ердоган на Твитер, најавувајќи го повлекувањето на спорниот декрет.
Наместо да воведе полициски час, тој им порача на граѓаните да носат заштитни маски и да оддржуваат физичко растојание.
„Не сакавме нашите сограѓани повторно да се соочат со нови тешкотии по два и пол месеци, кога животот почна да се враќа во нормала“, напиша турскиот претседател.
На луѓето над 65 години и малолетни лица сè уште им е забрането да ги напуштат своите домови, освен во одредени периоди во текот на неделата.