Во израелски напади во Газа убиени 11 Палестинци, меѓу жртвите деца и новинари

Во израелските напади извршени во средата во Газа загинале најмалку 11 Палестинци, меѓу кои две деца и тројца новинари, соопштија палестинските здравствени власти. Инцидентите дополнително го доведуваат во прашање тримесечното примирје во војната разорената енклава.

од desk4
11 прегледи

Од Палестинскиот синдикат на новинари наведоа дека тие биле убиени додека ја извршувале својата „новинарска должност, документирање на страдањето на цивилите во бегалските кампови“.

Не е прецизирано дали новинарите користеле дрон за снимање, но локални извори тврдат дека нивната работа била спонзорирана од Египетски комитет кој ги координира египетските хуманитарни активности во Газа.

Во израелско тенковско гранатирање во централна Газа загинале три лица, меѓу кои и десетгодишно момче. Во јужниот град Хан Јунис, во две одделни пукања, биле убиени уште две лица, вклучително и 13-годишно момче.

Дополнителни три Палестинци загинале во други израелски напади низ Појасот Газа, со што вкупниот број жртви во текот на денот се искачил на најмалку 11, соопшти Министерството за здравство во Газа.

Коментирајќи го нападот во кој загинале новинарите, израелската војска соопшти дека нејзините сили идентификувале „неколку осомничени кои управувале дрон поврзан со Хамас“ во централна Газа.

„По идентификацијата и поради заканата што дронот ја претставувал за трупите, армијата прецизно ги погоди осомничените кои го активирале дронот“, се наведува во соопштението на израелската армија.

Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за повеќекратни прекршувања на примирјето договорено во октомври, по речиси две години војна што ја опустоши Газа и предизвика тешка хуманитарна криза.

Двете страни и понатаму не можат да се договорат околу клучните елементи на мировниот план што го промовира американскиот претседател Доналд Трамп, со што иднината на примирјето останува неизвесна.

 

Слични содржини