Во израелските напади врз Газа во текот на ноќта загинале голем број Палестинци

од Stefanija Kuzmanovska

Голем број Палестинци загинаа во нападите на израелската армија врз Појасот Газа од воздух, копно и море во текот на ноќта, јавува „Анадолија“.

И покрај повиците на светот за прекин на огнот, Израел продолжува со нападите врз Појасот Газа.

Според веста на официјалната палестинска агенција ВАФА, најмалку три лица загинале во напад на израелската армија која бомбардирала куќа во градот Рафах на југот од Појасот Газа.

Под урнатините се уште има мртви и повредени.

Најмалку девет лица загинаа, а повеќе се повредени во нападот што израелската армија го изврши врз населбата Тенур во градот Рафах.

Најмалку три лица загинаа, а голем број се повредени како резултат на бомбардирањето на израелски воени авиони на различни точки во центарот на градот Кан Јунис.

Во нападот на израелската армија на влезот во комплексот на болницата „Кемал Адван“, која се користи како засолниште за повеќе од 10.000 Палестинци на северот од Појасот Газа, загинаа четири лица, а девет беа ранети, беше наведено.

Во нападите извршени од израелски воени авиони и артилерија врз бегалските кампови Нусајрат и Џабалија и населбите Шукаије и Туфах, загинаа тројца припадници на цивилната одбрана и многу луѓе, главно деца и жени, а многу други беа ранети.

Израелската армија, која изврши копнен напад врз Кан Јунис на југ, како и на северот на Појасот Газа, објави дека во текот на ноќта погодила околу 200 локации во Газа.

Слични содржини