Во јули имало дури 620 пожари од кои повеќето предизвикани од човечки фактор и ненамерно

од Nikola Popovski
66 прегледи

Во јули во земјава се регистрирани 620 пожари, од кои 66 се случиле во последните 10 дена од тој месец, беше истакнато на вчерашната владина седница на која се разговараше за состојбата со огнената стихија.

„Од 13 пожари, четири се активни, два се целосно изгаснати, а останатите се под контрола. Најголем проблем е пожарот кај селото Брезница, каде теренот е тежок и непристапен“, било кажано на седницата на Владата.

Пожарот кај Косел е ставен под контрола, кај Пласница е изгаснат, како и пожарот кај депонијата кај Делчево, додека кај Вражале е под контрола.

„Беше исклучително тежок период во изминатите 10 дена, со 66 нови пожари. Само во јули се регистрирани дури 620 пожари“, соопштија од владината прес-служба.

Беше посочено дека состојбата ги надминува домашните ресурси, односно тие се недоволни за гаснење на пожарот, а Владата веднаш побарала странска помош, односно активиран е механизмот на ЕУ за цивилна заштита, со оглед на тешката состојба и расположливите ресурси.

Се разговарало и за штетите, како и за причините за толку голем број пожари.

„Наведените причини се дека најголем број пожари се предизвикани од човечки фактор, најчесто ненамерно, поради палење на стрништа, пасишта и граници.

Кога станува збор за намерно предизвикани пожари, главно преовладуваат криминалните мотиви и тие случаи се истражуваат“, стои во соопштението од Владата.

Вчера полициски хеликоптер учествуваше во гасење на три пожари. Во раните утрински часови полициски хеликоптер од типот Бел-412 со хеликоптерот Х215 од хеликоптерската единица на Српското министерство за внатрешни работи почна да дејствува на пожарот на Илинска планина. Во текот на денот, по разгорување на пожарот на Беласица хеликоптерот беше упатен да дејствува врз овој пожар, а потоа и врз пожарот што изби во атарот на село Градманци, општина Петровец.

Во текот на денот на пожарите се дејствуваше во 30 налети при што се исфрлени 45 тони вода.

Слични содржини