Во Кочани ќе се гради спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“ за жртвите од трагедијата во „Пулс“

Советот на Општина Кочани на својата последна седница едногласно ја поддржа иницијативата за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“, посветено на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“.

од desk4
10 прегледи

Одлуката беше донесена со 19 гласа „за“, а иницијативата произлегува од Здружението „16 март 2025 Кочани“, кое ја покрена идејата за трајно одбележување на трагедијата што ја потресе јавноста.

Според усвоениот план, спомен-обележјето ќе се изгради во Стариот парк, во централното градско подрачје на Кочани, на просторот меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“.

Со донесената одлука, Советот на Општината го овластува градоначалникот Влатко Грозданов по итна постапка да формира работно тело кое ќе ја координира реализацијата на проектот. Целта е спомен-обележјето да биде завршено до 16 март, кога ќе се одбележи една година од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Изградбата на „Патеката на бесконечноста“ има за цел да биде место на сеќавање, почит и тивка почит кон загинатите, како и траен потсетник на една од најтешките трагедии во поновата историја на градот.