Во кое време од денот треба да вежбате за најбрзо слабеење?

Најновото истражување докажа дека вежбањето наутро влијае на побрзо слабеење, за разлика од физичката активност во други периоди од денот

од Vladimir Zorba

Иако прашањето за оптималното време за вежбање сè уште не е дефинирано, најновите докази јасно покажуваат дека физичката активност помеѓу 7 и 9 часот е најефикасна за слабеење.

Научниците откриле дека испитаниците кои вежбале во ова време од денот имале намалено ниво на телесни масти и потенка половина, дури и кога биле помалку физички активни во целина од луѓето кои вежбале попладне и навечер.

„Познато е дека вежбањето е клучно за успешно управување со тежината, но до сега немавме јасност за прашањето за оптималното време од денот“, вели д-р Тонгју Ма, водач на ова истражување во кое учествувале дури 5.285 луѓе.

Најинтересен податок е дека групата која вежбала наутро поминувала помалку време во физички активности и повеќе седела во текот на денот, а сепак имале подобри резултати!

„Овие докази покажаа дека наоѓањето свој стил на вежбање и тоа во утринските часови (помеѓу 7 и 9) може да игра голема улога во процесот на слабеење“, велат научниците.

Иако признаваат дека причината за овие резултати не им е сосема јасна, се чини дека се под влијание на деноноќниот ритам, природниот циклус на спиење и будност, кој вклучува бројни хормонски и други биолошки процеси.

„Новата студија само ги поддржува претходните докази дека утринското вежбање има позитивен ефект врз намалувањето на крвниот притисок, стресот и анксиозноста, како и подобрување на когнитивната функција во текот на денот“, истакна д-р Мајкл Фредериксон од Стенфорд.

Заклучокот на авторот е јасен – утринското вежбање би можело да биде важен фактор за спречување на дебелината и еден од суштинските сојузници во борбата против вишокот килограми.

Слични содржини