Италијанците повлекуваат по една милијарда евра дневно на банкомати, се наведува во извештајот на истражувачкиот центар „Унимпреса“, кој, сепак, ја нотира и зголемената употреба на кредитни картички.
Како што покажува ова истражување, Италијанците во 2023 година повлекле 360 милијарди евра, што е за 10 милијарди повеќе од една година порано, пренесува Анса.
Сето ова укажува дека во Италија има вистински бум во користењето на банкоматите, иако расте и употребата на кредитни картички.
Заклучокот од истражувањето е дека Италијанците сè уште преферираат хартиени пари, па Италија е последна во еврозоната по користење на други средства за плаќање освен готовина, со само 200 трансакции по глава на жител направени со кредитни картички и чекови.
Европскиот просек во оваа смисла е 370 операции по жител, според Анса.