Инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), заедно со полицијата, направија вонреден упад во нелегален магацин во скопската населба Маџари, каде што биле складирани огромни количини небезбедна храна.
Во акцијата биле запленети 40.751 килограм расипани сувомеснати и кондиторски производи, кои веднаш биле уништени. Но, тоа не е сè – при дополнителен претрес, полицијата пронашла и комбе натоварено со уште 360 килограми небезбедни производи, подготвени за дистрибуција!
Според анализите, увезените сувомесни производи содржеле опасно високо ниво на фосфати, што може сериозно да го загрози здравјето на потрошувачите. Дополнително, наместо да бидат уништени, овие производи добиле фиктивна потврда од овластена депонија и требало да завршат на пазарот!
„Ова е директна закана за безбедноста на храната. Наместо да ги уништат, овие луѓе се обиделе да ги продадат овие небезбедни производи“, алармираат од АХВ.
Компанијата што го складирала небезбедниот товар доби парична казна од 18.000 евра, а одговорното лице ќе плати 1.500 евра. АХВ најавува засилени инспекции низ целата земја за да спречи слични злоупотреби и да ја заштити безбедноста на граѓаните.