Во Македонија ќе има сезонски попуст само два пати годишно

од Destan Jonuzi
616 прегледи

Повеќе нема да има секој период намалувања по шопинг центрите и продавниците. Со новиот закон за заштита на потрошувачите предвидено е сезнонско намалување да има само два пати во годината и тоа летно сезонско намалување помеѓу 25 август и 25 септември и зимско сезонско намалување од 25 декмеври тековната година до 25 јануари наредната година.

Маријана Лончар Велкова од организацијата на потрошувачите на Македонија вели дека новото законско решение за заштита на потрошувачите треба да ги заштити граѓаните (потрошувачите) и да ја зголеми надзорнат улога на инспекциските служби.

– Ќе има заштита на потрошувачите, ќе има поголем надзор од страна на инспекциските органи. Вклучени се доста одредби што се поврзани со новите директиви на Европската унија според кои ова право и треба да се применува. За нас многу важна е имплементацијата на овој закон, и да се донесат подзаконските акти, изјави Лончар Велкова за „Локално“.

Маријана Лончар Велкова

Маријана Лончар Велкова

Таа смета дека многу е важно да се има доста информации за потрошувачите. Ние како организација, додава таа, да имаме активности со советите на потрошувачи на Владата, на Град Скопје, и советите на потрошувачи на општините, и тоа, објаснува таа, е обработено во законот за „улогата на локалната и централната власт во заштита на порошувачите“.

– Она што не радува е она дека веќе добро е уреден потрошувачкиот приговор, и во однос на јавните услуги, и на трговците воопшто кои се даватели на услуги, меѓутоа тоа треба добро да се елаборира за трговците да знаат, со што и на нив ќе им се олесни работата, а на потрошувачите треба да им се одговара во еден разумен рок во кој што го бараат. Промотивна продажба е едно, а сезонското намалување никаде го немаше, па во јавноста се мислаше дека тоа е акциска продажба. Треба промоција на самиот закон, нагласи таа.

Со новото законско решение акциската стока, промотивната продажба, сезонското намалување, ставање во промет на стоки со недостаток е поделено, односно поместено во посебни облици на ставање во промет. Спорд новиот закон сезнонското намалување е како посебен облик на ставање на промет на стоки и услуги, и се воведува по завршување на посебна сезона, летното сезонско намалување помеѓу 25 август и 25 септември и зимското сезонско намалување од 25 декмеври тековната година до 25 јануари наредната година.

Собранието во четврток во рамките на продолжението на 79. седница го донесе Законот за заштита на потрошувачите по скратена постапка. Со предлозите, се уредуваат правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките на заштита на правата на потрошувачите, информирањето на потрошувачите, унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права и начините и постапките на нивна заштита, правата и обврските на здруженијата и сојузите за заштита на правата на потрошувачите, правата и обврските на надлежните органи.

Со новото законско решение се овозможува подобро остварување на правата на потрошувачите преку ефективен надзор на пазарот, подобро информирање и едуцирање на потрошувачите за нивните права, зајакнување на независноста и репрезентативноста на здруженијата за заштита на потрошувачите и обезбедување инструменти за брзо решавање на потрошувачките спорови како можност за колективно решавање на потрошувачките спорови.

Д.Ј.

Слични содржини