Во Министерството за надворешни работи беше одбележан 27-ми Јануари – Меѓународниот ден во спомен на жртвите на Холокаустот.
Настанот почна со една минута молк, во знак на почит кон жртвите кои настрадаа само затоа што беа Евреи.
Воведно обраќање имаше министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој меѓу другото ја нагласи важноста од сеќавање на Холокаустот кој не смее никогаш да се повтори и потребата од учење на лекциите кои што произлегуваат од тоа.
„Евреите ја платија најголемата цена на злосторничката нацистичката идеологија. Денес се сеќаваме на 6те милиони Евреи кои не го преживејаа Холокаустот. Наспроти огромните жртви, Евреите победија! ,,Ам Исраел Хај” – или во превод, „живее народот на Израел” се слуша денес на сите страни на светот каде што живеат Евреи. Таа нивна победа над програмираното и системски спроведувано зло, е и наша победа, победа на целото човештво. Таа победа е и предупредување: никогаш, никому и никаде повеќе! И затоа, 27 јануари е датум длабоко врежан во нашата меморија. Но не само да остане меморија, туку да биде и завет за иднината“, рече Османи.
Османи истакна дека сеќавањето, образованието и развивањето на вистинските хумани вредности на меѓусебна почит, уважување и толеранција, се особено важни за превенирање оваа зло никогаш повеќе, никаде и кон никому да не се повтори.
„Северна Македонија, горда на своето мултиетничко и мултикултурно општество, каде што секој граѓанин се чувствува свој на своето, независно од неговото име, потекло, јазик или вера, го чува и ќе го чува споменот на Холокаустот, на 6те милиони убиени Евреи, меѓу кои и 7.144 наши сограѓани, кои посебно ќе ги споменеме повторно и на 11 март, на 80-годишнината од нивната депортација во Треблинка“, подвлече министерот.
Пригодни обраќања на овој настан имаа и амбасадорките на САД, Анџела Агелер, на Шведска, Ами Ларсон Џејн и Израел, Симона Франкел, како и претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви.
Во присуство на амбасадори и други претставници на дипломатскиот кор, претставници на Еврејската заедница, на државните институции и академската заедница, одбележувањето на 27 јануари се заокружи со изложба насловена: „За мене не постои друг избор“, контрибуција на Шведската амбасада во Скопје. Изложбата е сторија за шведскиот дипломат Раул Валенберг, кој успеал да спаси бројни еврејски животи за време на Втората Светска војна во тогаш окупираната Унгарија.
Како земја членка на Меѓународната Алијанса за сеќавање на Холокаустот (ИХРА), Северна Македонија се сеќава на сите жртви од оваа црна дамка на историјата на човештвото, со цел да не биде заборавена и надеж – никогаш повеќе да не биде повторена.