Министерката за одбрана, Славјанка Петровска потврди дека земјава ќе набави современ систем за противвоздушна одбрана од Франција и тоа, според неа, е одбранбено планирање кое не е краткорочно, согласно целите за одбраната на нашата држава.
-Имаме обврска да ја гарантираме нашата безбедност. Тоа се работа на планови кои се одамна изработени и тоа е во согласност со перформансите на Армијата, но и проекциите како ќе се развива. Замената на противвоздушниот систем кој што го имаме е една од обврските и тоа е започнато пред неколку години. Финасиските импликации од документот нема да бидат во една година исплатени. Вложувањето во одбраната е нешто кое треба во континуитет да се следи затоа што на таков начин ја извршуваме основната функција поради која постои Министерството и Армијата, рече Петровска.
Министерката додаде дека вкупната вредност на Договорот е 66 милиони евра и исплатата ќе биде во четири години.
-Во моментов не постои закана за конкретен напад врз нашата држава, потенцира Петровска.
Ресорното министерство пред неколку дена соопшти дека станува збор за унапредување на системот за борбена готовност на Армијата во насока на остварување на основната задача за одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата, за чија цел Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција.