Во моментов не се размислува за зголемување на старосната граница за пензија, велат од „Илинденска бр.2“

од Nikola Popovski
48 прегледи

Во овој момент Владата не размислува за предлогот на Фискалниот совет за подигнување на старосната граница за пензионирање на 67 години и за мажите и жените. Ова денеска на прес-конференција го соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.

Таа нагласи дека постои методологија и во Владата анализираат како да се стабилизира состојбата со дупката во буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување

-Во овој момент, она што направивме е усогласување на пензиите од 5.000 денари. Имаме активна методологија, имаме закон по кој што се работи. Остануваме посветени и на состојбата во Фондот за ПИОМ и ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент не се размислува за она што беше предлог од страна на Фискалниот совет, кажа Митева на прес-конференција.

Вакво мислење даде Фискалниот совет за 5-годишната стратегија на Владата во која се наведува дека мора да се зголеми возраста за пензиноирање. Според Фискалниот совет, буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2.500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив.

„Локално“ веќе објави што мислат дел од економистите по ова прашање. Според професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, претставува многу лош предлог и главниот критериум за него тука е колку долго луѓето живеат откако ќе се пензионираат.

„Пократок животен век“ наспроти „следење на европските процеси“: Дали и во Македонија треба да се оди во пензија на 67 години?

Фискалниот совет, според Законот за буџети, е независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија. Претседател на советот е Глигор Бишев, поранешен директор на Шпаркасе банка. Членови се и академик Абдулменаф Беџети, како и Марина Трпеска, редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ.

Во однос на зголемувањето на стапката за пензиско осигурување, од Фискалниот совет препорачуваат во 2027 година да се направи анализа за фискалната одржливост на Фондот на ПИОМ и во зависност од трендот и потребата, постепено да се зголемува придонесот до 21 проценти до 2029 година.

Слични содржини