Во некои фирми во државата чистачките земаат над 40.000 плата, а мајсторите и над 100 илјади денари

Во државата има фирми кои покрај високи плати на своите вработени им исплаќаат и 13 плата, новогодишни бонуси и многу повисок регрес за годишен одмор од минимално пропишаниот.

од Vladimir Zorba
55 прегледи Фото: Urban Servis

Во државата има компании кои остваруваат големи профити и исплаќаат високи плати на своите вработени. Анализите покажуваат дека некои газди се многу великодушни кон своите вработени и се подготвени да бркнат подлабоко во џебот.

Во државата има фирми кои покрај високи плати на своите вработени им исплаќаат и 13 плата, новогодишни бонуси и многу повисок регрес за годишен одмор од минимално пропишаниот. Така на пример во некој фирми и чистачките земаат над 40 илјади денари, а мајсторите над 100 илјади денари плата.

-Во приватните сектор има многу газди кои исплаќаат многу повисоки плати од миниманата, но и од просечната. Има фирми кои имаат потпишано поединечни колективни договори и без проблем одвојуваат дел од своите приходи за своите вработени. Во некој компании и најниската плата е далеку поголема од минималната, а во некои платите се повисоки и од просечната. Овие газди не штедат на своите вработени и соодветно ги наградуваат, вели за „Локално“ Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Телма

Анализите покажуваат дека некои компании ги зголемуваат платите на годишно ниво, а некои и почесто. Има компании кои не чекаат да дојде месец март и да ги зголемат платите, туку тоа го прават во согласност со потребите, зголемените профити, потребите на работниците, зголемената инфлација….

-Ако си замине еден работник тогаш на негово место доаѓа друг на кого му нудат поголема плата. Всушност некогаш зголемувањето на платите го диктира пазараот на труд. Ако има побарувачка за некоја професија автоматски поголема е и цената на тој кадар како што во моментот е случај во трудоинтензивните дејности. Во градежната индустрија, металната индустрија има се помалку млади работници и овие работници земаат плати кои се и над просечната плата во државата. Така на пример има добри мајстори кои земаат плата и над 100 илјади денари, објаснува Пешевски.

Ако во некоја компанија си замине работник кој со минат труд и други додатоци земал плата над 45 илјади, тогаш новиот работник автоматски ја добива оваа плата. И покрај тоа што младите немаат искуство се обучуваат и ги ги добиваат истите плати како старите работници, бидејќи газдите во нив гледаат потенцијал.

Ангел Димитров од Организација на работодавачи вели дека со колективните договори некои сектори имаат далеку повисоки плати и од минималната и од просечната.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/МИА

-Има фирми во државата кои можат да одвојат повеќе од нивниот профит за да дадат на работниците. Во државата има фирми кои даваат 13 плата и новогодишни бонуси. Фирмите кои остваруваат поголеми профити обично работат во сектори кои создаваат поголема додадена вредност. Така на пример ако некоја компанија произведува компјутери или софтвер кој го користи цел свет секако дека ќе има поголем профит од некоја компанија која произведува некој евтин производ со помала додадена вредност, изјави за „Локално“, Димитров.

Тој вели дека висината на платите зависи од видот на дејноста и од профитите кој ги остваруваат компаниите. Така на пример ако некоја фирма прави десетици милиони профит очекувано е работниците да земаат плата околу 1.000 евра.

Б.С.