Најмалку 6 луѓе се убиени, а неколку десетици ранети во руски напади со ракети и дронови на Киев, главниот град на Украина, рано утрово. Нападот се случи само неколку часа пред клучното гласање во украинскиот парламент – Врховната рада – за поништување на спорниот закон за борбата против корупцијата.
„Оваа ноќ непријателот го нападна главниот град со проектили и дронови. Еден проектил погоди станбена зграда, од која еден дел е целосно уништен“, објави на Телеграм украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко.
Во најновиот напад се погодени 27 локации во градот, најмалку 6 лица ги загубиле животите, а 52 се ранети, соопшти шефот на Воената управа на Киев, Тимур Ткаченко. Меѓу загинатите е и 6-годишно дете, објасни тој.
Киевскиот градоначалник Виталиј Кличко соопшти дека од силниот напад се искршени сите прозорци на педијатриски оддел на една болница, но нема повредени.
Руските сили ги интензивираа нападите на Украина во последниве седмици, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, на својот руски колега Владимир му даде ултиматум да ги прекине нападите и да се договори за прекин на огнот или САД ќе воведе нови санкции за Русија.