Во новите ковид-центри ќе се третираат пациенти со полесна клиничка слика

од Берта Китинска
170 прегледи

Во земјава започнуваат со работа новите ковид-центри.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 16 до 22 ноември регистрирани сe 7.486 позитивни случаи во 35 градови во државата. Заболени има во сите возрасни групи. Најзастапени се лицата над 60 години. Најмал број е регистриран кај децата до девет години, и од 10 до 19 години.

Со ковид-центарот ќе менаџира Министерството за здравство, односно државата, кои ќе одлучуваат кои пациенти ќе се третираат тука и каква терапија ќе добиваат.

Ќе се третираат и хоспитализираат пред се пациенти со полесна и умерена клиничка слика, додека пациентите со потешки компликации ќе се третираат во ГОБ „8 Септември”.

Капацитетот на објектот e 100 болнички легла. Дел од опремата и кадарот ќе бидат покриени од Клиничката болница „Аџибадем Систина” и Клиниката „Жан Митрев” согласно договорите со Фондот за здравствено осигурување.

Цената за лекувањето која државата ќе им ја исплаќа на приватните болници за оваа намена, според утврдениот ценовник од Фондот за здравствено осигурување изнесува 100 евра од ден по пациент, додека трошоците за тоа се доста поголеми.

Во овој ковид-центар ќе работат пет доктори, 30 медицински сестри, осум болничари и друг медицински персонал, осум лица за обезбедување, шест лица администрација и 12 лица болнички персонал.

Најмногу кадар ќе обезбедат „Аџибадем Систина” и Клиниката „Жан Митрев” зависно од тоа колку средства добиваат согласно договорите склучени со Фондот за здравствено осигурување, а двајца доктори ќе назначи Министерството за здравство.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 56164. Оздравени се 33892 лица, а битката со кронавирусот ја загубија 1561.

Слични содржини