Градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио ги објави плановите за поставување 1.500 челични бариери на улиците кои ќе спречат напади со возила.

Вели дека заштитните препреки се дел од инвестицијата во сигурносна инфраструктура во вредност од 50 милиони долари, јави BBC.
Тој потег следи откако во 2017 година се случија два напади со возила, во кои загинаа девет лица.
Трајните бариери ќе ги заменат сегашните привремени бетонски блокови, кои се поставени по инцидентот.
„Сакам да ви кажам дека ова е најкукавички вид напад, кога некој со возило ќе се залета во група невини пешаци. Тоа е одвратно. Но знаеме дека постојат некои кои сакаат да ни нанесат зло и дека ќе се браниме од тоа“, рече де Бласио на прес-конференција за медиумите на Times Square, во близина на еден од нападите што се случи.