Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во обраќањето до нацијата порача дека не планира да поднесе оставка и покрај барањето на опозицијата за негов импичмент поради аболицијата која ја продлабочи кризата.
Во досега најострата критика за опозицијата, Специјалното јавно обвинитество, граѓанскиот сектор и „партнерите“, Иванов рече дека досега ниту еден претседател не бил повикан на одговорност за справување со тешки ситуации во земјата, но исто така потсети дека досега никој не одговарал за обидот за атентат на еден од неговите претходници, како и за авионската несреќа во која исто така загина претседател на државата.
Тој рече дека бил обвинет за неодговорно однесување поради аболицијата, но истакна дека го направил спротивното, ја презел целосно одговорноста.
– Ме обвинија дека сум придонел за дестабилизација и протести, напротив, само ги забрзав, бидејќи тие беа од претходно планирани. Правната држава ја нарушија оние кои немаа култура и доблест проблемите да ги решаваат низ институциите и дијалог – СДСМ и ДУИ. Тие наместо да седнеме на маса, трчаа по странските амбасади. Ме обвинуваат дека одлуката била да го поништам СЈО, но тоа е ад хок институција, која требаше да биде инструмент за правда, а се покажа како инструмент за уцена. Тие ги избраа само документите против власта, и создадоа мачна ситуација во општеството. Наместо специјално добивме селективно обвинителство. Ме обвинија дека со помилувањето сум дал порака дека политичарите се недопирливи и над законот. Ги повлеков сите аболиции. Денеска единствен аболиран е Зоран Заев и го повикувам ако не блефира, да поднесе барање за повлекување на неговата аболиција. Ја повлеков одлуката затоа што сега имаме функционални институции, имаме политичка, а не техничка влада, имаме Собрание кое може да носи закони, безбедносните служби кои се под една команда и едно старешинство. Во Македонија се води специјална војна, која се има намера да се држи тензична ситуација со некакви технички влади – рече Иванов.
Претседателот рече дека Договорот од Пржино не се исполнет и оти на улиците гледаме театар од оние кои не ги признаваат институциите.
– Никому не му е оспорено правото да го искаже своето незадоволство од власта, но никаде не се дозволува хулиганство и уништување, тоа е казниво. Лидерите на партиите да внимаваат што договараат, олеснувачите да внимаваат какви пакети предлагаат, пратениците да внимаваат за какви закони гласаат. Автентичниот невладин сектор кој со години конструктивно придонесува кон решавање на бројни проблеми во општеството да се дистанцира од оние поединци и групи кои протестираат само за да профитираат. Ги повикувам партнерите да не ја користат состојбата за остварување свои интереси. Блокирањето на европска и евроатлантска иднина придонесе кон блокирање на политичките процеси во Македонија. Затоа, ги повикувам Европската Унија и НАТО да го деблокираат патот на Македонија. Процесот на преговори и затворање на поглавјата досега ќе ги научеше политичките елити на културата на дијалог и компромис – рече Иванов.
Тој ги повика политичките лидери што не ја признаваат институцијата претседател дека имаат должност да не ја загрозуваат независноста и суверенитетот земјата, доведувајќи ја во состојба на потчинетост и зависност кон други држави, центри на моќ или недржавни актери.
– Не смее да се дозволи целата држава и народот да биде заложник на карактерите, егото и личната омраза на овие неодговорни политичари. За такви не треба да има место на политичката сцена. Ако во остварување на која било цел се водите од омраза и деструкција, тогаш неуспехот е загарантиран. За крај, на овие неодговорни политичари кои од мене бараа одговорност, ќе им го порачам следново: Како претседател имам одговорност кон граѓаните кои ме избрале и кои ми дале легитимитет. Имам одговорност кон вооружените сили чиј врховен командант сум. Имам одговорност кон државата на чие чело сум во овие тегобни и мачни времиња. И, со таа одговорност, како и досега, така и во иднина ќе постапувам единствено и исклучиво, според Уставот и законите на Република Македонија во заштита на државните интереси и националната безбедност – рече Иванов на крајот од обраќањето./извор Мета видео и фото а1он