Во полициска акција, приведени дилери на кокаин

од Берта Китинска
242 прегледи

На 05.09.2021 при спроведена координирана полициска акција од страна на Одделот за криминалистичка полиција Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и ОВР Струга, ОВР Кичево и СВР Скопје приведени се двајца дилери на наркотична дрога кокаин, А.П.(52) од Кичево и А.Т.(35) од Скопје. Против лицата е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” казниво по член 215 од Кривичниот законик. Од страна на Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје на лицата им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

По преземени мерки и активности, минатиот месец (05.08.), на автопатот Скопје – Тетово, на наплатна рампа Желино од слобода се лишени А.К.(28) државјанин на Република Словенија и А.Р.(42) од Тетово. При преглед извршен во патничко моторно возило „ланчиа“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.К., каде како совозач бил А.Р., биле пронајдени и одземени над 100 грама кокаин и пакување хашиш. Против двете лица била поднесена кривична пријава по член 215 од Кривичниот законик и им била одредена мерка притвор.

По преземени мерки и активности, дојдено е до сознание дека пријавените А.П. и А.Т., се организатори на продажбата на наркoтичната дрога, при што во координација со Јавен обвинител од Основно Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден (05.09.) извршени се претреси во Кичево кај лицето А.П. и во Скопје кај лицето А.Т.. При извршените претреси пронајдени и одземени се марихуана, вага и мобилен телефон.

Слични содржини