Бројот на жртви во поплавите што погодија неколку европски земји денес се искачи на повеќе од 180.
Најмалку едно лице почина во јужниот дел на Германија, објави Ројтерс.
Некои возила беа однесени од поројот, а делови од земјата беа покриени со кал во областа Берхтесгаденер Ленд во Баварија, што е најновиот регион погоден од катастрофални дождови и поплави.
Стотици спасувачи трагаат по преживеани во округот што се граничи со Австрија.
„Не бевме подготвени за ова“, рече гувернерот на округот Берхтесгаденер, Бернхард Керн, додавајќи дека ситуацијата драстично се влошила доцна синоќа, оставајќи малку време за оперативни служби за итни случаи.
Со денешните жртви во јужниот дел на земјата, нивниот број се искачи на 157 во Германија, додека 184 лица го загубија животот низ цела Европа.
Околу 110 лица загинаа во областа Арвејлер јужно од Келн, која исто така беше најпогодена од поплавите, а се очекува да се најдат уште жртви откако ќе се повлече водата, соопшти полицијата.
Поплавите ги погодија главно германските покраини Рајнска област-Пфалц и Северна Рајна-Вестфалија, каде загинаа најмалку 46 лица.
Најмалку 27 лица загинаа во поплавите што ја погодија Белгија.
Во таа земја ќе има ден на жалост во вторник, додека водостојот на реката опаѓа, а акцијата за чистење е во тек.
Армијата беше испратена во градот Пепинстер, каде се срушија неколку згради.
Десетици луѓе во Белгија се без електрична енергија, а проблем е и снабдувањето со вода за пиење.
Службите за итни случаи во Холандија изјавија дека состојбата е стабилизирана до одреден степен во јужниот дел на провинцијата Лимбург, каде десетици илјади луѓе се евакуирани последните денови, додека северниот дел на земјата се уште е во состојба на готовност.
Во Лимбург, властите остануваат загрижени за патиштата и мостовите.
Досега е пријавена само материјална штета во поплавите во Холандија, а нема жртви.
Делови од Швајцарија се уште се во состојба на готовност поради поплавите, иако е ублажена заканата за најзагрозените области, како што се езерото Луцерн и реката Бернески Ааре.
Силно невреме погоди делови од Австрија во текот на ноќта, а некои места беа поплавени, како Халејн и Куфштајн.
Властите во провинцијата Салцбург го повикаа населението да не ги напушта своите домови и да остане во гаражите и подрумите, како и да не се приближува до реките.
Во покраината Тирол, пожарникарите имаа полни раце работа со поплави, поројни води и свлечишта, а на територијата на општина Куфштајн, поројните води носеа автомобили.
Градот Келхсау, поради поплавените патишта, остана отсечен од остатокот од земјата, а во тој мал град се одржа градски фестивал, како резултат на кој беа „заглавени“ околу 80 лица од соседните градови.
Летен камп мораше да биде евакуиран во Итер поради излевање на реката.
И во Виена обилните дождови во некои делови на градот предизвикаа поплави во бројни подруми.