Португалските власти денеска соопштија дека заплениле 4,2 тони кокаин од брод кој доаѓал од Колумбија, а дрогата била скриена во палети со банани.
Станува збор за „најголемата заплена на кокаин оваа година и една од најголемите во последните години“, соопшти полицијата.
Дрогата, скриена во шест палети полни со банани, влегла на португалска територија на товарен брод под италијанско знаме преку пристаништето Сетубал, лоцирано на 30 километри јужно од Лисабон.
Дрогата со „висок степен на чистота“ била наменета за неколку европски земји и нејзината „вредност се проценува на повеќе од 100 милиони евра“, додаваат од полицијата.
Акцијата била спроведена со меѓународна соработка со Колумбија и неколку европски земји, навела португалската полиција, додавајќи дека во таа акција никој не е уапсен.