Во Прилеп формиран Граѓански парламент, кој ќе ги обедини сите граѓански здруженија

од desk2
159 прегледи

Илија Јованоски, новиот градоначалник на општина Прилеп, денеска најави формирање Граѓански парламент, во кој ќе членуваат сите граѓански здруженија, невладини организации и поединци што сакаат да учествуваат во идеите и спроведувањето на политиката на локалната самоуправа.

Јованоски им се заблагодари за довербата што му ја дале граѓаните на 15 октомври и вети дека ќе биде еднаков за сите.

„На сите граѓани сакам да им се заблагодарам што ми ја дадоа довербата на изборите на 15 октомври да бидам градоначалник на Прилеп. Сакам да потенцирам дека ќе бидам градоначалник на сите граѓани на Прилеп и населените места, без разлика на националната, верската и политичката припадност. Ќе бидам еднаков за сите, со сите еднаков и за с è еднаков. Ветувам дека ќе работам транспарентно, посветено и отчетно. Тоа ќе го барам и од моите соработници, директори и раководители, сите да бидат на максимално задоволително ниво со својата работа. Нема да дозволам ништо да биде поинаку од она што јас ќе работам. Ова што денес го започнавме и оформивме, Граѓанскиот парламент, ќе биде парламент на сите градски здруженија, на сите невладини организации и на сите граѓани што сакаат поединечно да учествуваат во идеите и спроведувањето на политиката на локалната самоуправа. Сите заеднички ќе го правиме буџетот на локалната самоуправа, сите заеднички ќе ги уредуваме приоритетите што треба да се направат. Едни од моите главни приоритети ќе бидат решавањето на водоснабдувањето на Прилеп и патната инфраструктура“, изјави Илија Јованоски, градоначалникот на Прилеп.

Јованоски имаше и средба со новинарите од Прилеп на која вети транспарентно и отчетно работење и соработка со сите медиуми во градот. Истакна дека Општината ќе биде отворена за сите идеи, сугестии, предлози и критики што ќе доаѓаат од медиумите.