Во прилепската градска библиотека „Борка Талески“ денеска е промовирана книгата „Маалски прикаски“(1+2) од новинарот и писател Синиша Станковиќ. Книгата која првата промоција ја имаше во јуни во МКЦ во Скопје е издание на издавачката куќа „Или-Или“, содржи 65 приказни за луѓето, настаниете, состојбите во едно скоопско маало, толку слично со маалата во другите градови.
![]()
Според авторот Станковиќ, не може да се избегне носталгијата за еден начин на живот, но содржи и паралели со начинот на животот на младите генерации.
-Без намера да нудам некакви решенија, ниту да тврдам дека тоа време било најдобро, или подобро од денешново, туку, едноставно, се навратив, со спомени и сеќавања, за едно, за мене, убаво време. Направив паралела со времето во кое расте син ми, со она во кое јас растев, со огромните разлики на правилата, или на непостоењето правила денес. Желбата ми е нешто што со години е правено, вака вкоричено, да биде подостапно до читателите низ Македонија. Особено што повеќе градови и немаат книжарници, рече Станковиќ.
Според него, не може да се побегне од секојдневието кое ни стана политика, но и од егзистенцијалните маки, притисоците.
-Колку и да сакам да пишувам убава литература, јас сум и новинар, па не може да се избегне. И начинот на кој се пишувани, јас ги нарекував „Белешки на случајниот минувач“. Како новинар избегнувам да давам пораки, пред сѐ, зашто не сум убеден дека тие пораки стигнуваат некаде. А како писател го пишувам она кое сакам да остане забележано. А ако тоа допре до некого, би бил среќен, рече Станковиќ.
Има намера да објави книгата посветена на 30-те години „македонска пролет“, односно за „Млад борец, 1989-2019“
-Книгата е „спакувана“. Се обидувам да најдам начин да ја објавам книгата посветена на 30-те години „македонска пролет“. Ако не успеам до крајот на оваа година, ќе оставиме за 40-годишнината, вели Станковиќ.
Книгата „Маалски прикаски“ досега, освен во Скопје, е промовирана и во Кавадарци, Струмица и во Битола, потоа ќе се промовира во Куманово и во уште три града.