Во Приштина потпишано барањето за членство на Косово во ЕУ (ФОТО)

од Stefanija Kuzmanovska
242 прегледи

Во Приштина е потпишано барањето за членство на Косово во Европската унија, пренесува приштинскиот медиум „Коха диторе“.

Според претходните најави во медиумите, церемонијата на потпишување на документот започна во 11 часот, а свој потпис на документот ставија претседателката на Косово Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и претседателот на косовскиот парламент Гљаук Коњуфца.

Османи во таа прилика посочи дека барањето за членство во ЕУ е „историски ден“.

Таа во својот говор по церемонијата на потпишување рече и дека Косово како земја на мирот и почитувањето на човековите права заслужува да биде дел од ЕУ.

„Денес е историски ден. Тоа е историски момент. 14 декември има двојно значење во современата историја на Косово. Покрај барањето за членство, денеска е и годишнина од основањето на Армијата. Овие два чина одат во насока на нашата евроатлантска визија.Во име на Косово правиме одлучувачки чекор кон остварување на сонот. Да ја приближиме нашата земја чекор поблиску до ЕУ. Нема друга алтернатива за Косово. Во пресрет на 15-годишнината од независноста, овој чин е посветен на сите граѓани, оние кои се изборија за слобода. Косово дише европски. Најмладата земја во Европа, земја на политички плурализам, верски права, придонесувач за мирот и безбедноста заслужува да биде дел на Еу. Нашиот пат напред е јасен, решени сме да успееме“, рече Османи.

Слични содржини