Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Олексиј Данилов се огласи по повод приземјувањето на авионот на „Рајанер“ во Минск.
За потсетување, на 23 мај белоруските сили приземјија авион кој леташе од Атина до Вилнус и по тој повод ги уапсија новинарот Роман Проташевич и неговата партнерка.
Официјални лица посочија дека авионот е приземјен поради наводна дојава за бомба, но украинскиот секретар не го дели тоа мислење.
„Длабоко сум убеден дека циничното и дрско киднапирање на авионот на Рајанер во Белорусија ги има сите обележја на операција во која се вклучени руски специјални служби“, рече Данилов во соопштение на украинската амбасада во Белград, пренесе „Б92“.
Според објавата , Данилов го изјавил тоа за време на состанокот во Вилнус со советниците за национална безбедност и советниците за надворешна политика на претседателите на Литванија, Латвија, Естонија и Полска.