Во протестите во Ирак загинаа најмалку 23 лица (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
164 прегледи

Најмалку 23 лица се убиени во протестите низ Ирак, соопштија денеска локални функционери.

Немири имало во Багдад, Насирија, Амара, Самава и уште некои ирачки градови.

Висок ирачки функционер во безбедносните служби изјави дека демонстрантите во Багдад биле убиени кога безбедносните сили пукале со борбена муниција за да ги растераат.

Тој рече дека полицијата употребила и солзавец и гумени куршуми против демонстрантите кои протестираат поради лошите услови за живот во Ирак.

До насилство во Насирија дојде откако ирачката шиитска милитантна група Асаиб Ал ал-Хак отвори оган врз група демонстранти кои се обиделе да влезат во нејзината локална канцеларија.

Во исто време, во јужниот град Амара повредени се најмалку 18 лица кога демонстрантите се обиделе да влезат во канцелариите на локалната милиција.

Протестите против корупцијата, невработеноста и недостигот на основни услуги, кои избувнаа на почетокот на месецот, станаа насилни откако безбедносните сили почнаа со употреба на борбена муниција.

После една недела насилство во ирачкиот главен град и јужните делови на земјата, со владина истрага е утврдено дека безбедносните сили користеле прекумерна сила, убиле 149 лица, а повредени се повеќе од 3.000 луѓе. Убиени се и осум припадници на безбедносните сили.

Слични содржини